Писма
За македонскиот идентитет
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=250A35535865EF4C870E2C38899F04DC
(Отворено писмо до Метју Нимиц)
Ви пишуваме за вашиот најнов предлог во однос на т.н. „проблем со
името“меѓу нашата држава Грција и соседната Република Македонија. Би
сакале да прокоментираме во однос на двете имиња што сте ги навеле во
Анекс 1, поточно „Република Горна Македонија“ и „Нова Република
Македонија“. Во однос на „Горна Македонија“, иако грчката влада
изрази подготвеност да се согласи со ова име, мора да се нагласи дека
тоа име не е во согласност со нејзиниот официјален став. Ако постои
„Горна Македонија“, тогаш е логично да постои и „Долна Македонија“.
Затоа, имајќи го ова предвид, како може грчката влада да тврди, меѓу
другото, дека името „Република Македонија“ претполага постоење
иредентистички претензии кон северна Грција, а името „Горна
Македонија“ не претполага такви претензии? Јасно ли е дека име како
„Горна Македонија“ може да поттикне иредентизам на двете страни, па
како таква самата по себе е проблематична?За предлогот „Нова Република
Македонија“, мора да нагласиме дека секоја придавка на национално-
етничкиот карактер на државата и на нејзиниот народ, директно или
индиректно го негира македонскиот национален идентитет, како во однос
на граѓаните на Република Македонија, така и во однос на припадниците
на етничкото македонско малцинство во Грција.
Ако етничките Грци кои живеат на историската територија позната како
„Македонија“ имаат право на „грчки македонски“ културен идентитет
(иако мнозинството од нив се доселени во регионот во периодот од 1922
до 1928 година), тогаш зошто етничките Македонци во Република
Македонија (кои исто така живеат на дел од историската територија
позната како „Македонија“) немаат право на историското и на културното
минато на истиот регион? Ако префиксот „Нова“ има за цел да направи
разлика меѓу современа Македонија и античка Македонија, тогаш,
логично, истото треба да се примени и во случајот на грчкото име, т.е.
Грција треба да се вика „Нова Грција“ затоа што современа Грција не е
истото што и античка Грција. Освен тоа, ако префиксот „Нова“ има цел
да направи разлика меѓу граѓаните на Република Македонија и граѓаните
на Грција (етничките Грци), тогаш мора да се спомене дека повеќе од
700.000 православни етнички Грци беа преселени од Мала Азија во
северна Грција во периодот од 1922 до 1928 година.
Затоа, терминот „Нови Македонци“ би бил посоодветен за именување на
оваа група за таа да се разликува од македонските граѓани на Република
Македонија. Во параграф 9 се предлага употребата на терминот
„македонски“ да се ограничи во сферата на економијата. Сметаме дека
предлогот во овој параграф не е во согласност со демократските
принципи. Да се ограничи употребата на овој термин во сферата на
економијата значи, меѓу другото, забрана на терминот „македонски“ за
опишување на нашиот јазик.
Свесни сте дека негирањето на постоењето засебен македонски идентитет
е официјален став на грчката држава со децении, и како припадници на
македонското малцинство во Грција ние бевме, сме и продолжуваме да
бидеме жртви на оваа негирачка политика. Затоа предлогот да се
негираат фундаменталните права на себеидентификација (чиј краен
резултат е предложен во Параграф 9) мора да биде ревидиран. Сакаме да
ја искористиме можноста за уште еднаш да ве потсетиме дека има голем
број официјални грчки документи кои датираат долго пред 1945 година и
во кои терминот „македонски“ е дефиниран како нешто различно од
„грчки“. Меѓу нив е и Букварот на македонски јазик, „Абецедар“,
објавен во 1925 година за македонското малцинство во Грција, и
документот од грчкиот попис во 1920 година во кој експлицитно е
забележано постоењето на македонскиот јазик во Грција ( и двата
документа ви беа претходно испратени).
Имајќи ги предвид нашите коментари во однос на Дел 2, Параграф 9 од
Вашиот предлог, сакаме да ви го предложиме следното. Клучна компонента
за фер, праведно и применливо решение за овој „спор“ ќе биде онаа што
ќе ги штити етничкиот и културниот идентитет. Имајќи го тоа предвид,
ви предлагаме вклучување два параграфа во конечната спогодба во кои ќе
се нагласи следново:
„ Грчката држава го признава постоењето засебен етнички македонски
идентитет каков што е изразен и развиен во Република Македонија и
секаде каде што живеат Македонци како засебен етнички идентитет
различен од грчкиот македонски културен идентитет што го развивала
грчката држава по 1912-1913 година кога дел од Македонија беше припоен
кон грчката држава“.
„Република Македонија го признава постоењето засебен и различен грчки
македонски културен идентитет каков што развила грчката држава по
1912-1913 година.“Согласно со тоа, и двете страни ќе го почитуваат
правото на себеидентификација на етничкиот и на културниот идентитет
на поединецот. Употребата на префиксите пред терминот „македонски“
јасно се разликува кај двете групи ( т.е етнички македонски и грчки
македонски). Освен тоа, и двата термина се користат за
себеидентификација, што е од фундаментално значење. Не се наметнуваат
несакани имиња и двата идентитета не се загрозени. Како што ќе
забележите во нашиот предлог, ниту една страна нема да може да го
монополизира терминот „македонски“ (согласно со Дел 2, Параграф 8 од
вашиот најнов предлог). Понатаму во Дел 2, Параграф 8 од вашиот
предлог се вели дека ниту една страна нема да има ексклузивно право на
името „Македонија“. Ако кон тоа мора да се придржува Република
Македонија, тогаш истото мора да важи и за Грција. Понатаму, како што
е предложено Република Македонија да биде дополнително дефинирана со
додавање на уште еден префикс, тогаш сигурно ова мора да се однесува и
на грчките административни региони, кои исто така го користат името
„Македонија“. Тогаш би можело да биде корисно, како и фер, да се
предложи регионите Западна, Централна и Источна Македонија да бидат
дополнително дефинирани со додавање префикси или суфикси. Истиот
принцип ќе мора да се примени и на имињата како името на
Министерството на Македонија и на Тракија (името сугерира дека станува
збор за министерство за целата историска територија Македонија, што не
е во согласност со Оддел 2, Параграф 8) и името на меѓународниот
аеродром во Солун наречен „Македонија“.Би било фер и корисно да се
предложат неколку нови имиња за географскиот регион северна Грција за
да се направи појасна разлика меѓу него и Република Македонија, исто
како што и грчката страна го бараше истото од Република Македонија.
Еве и неколку предлози: „Грчки географски регион Македонија“,
„Географска грчка Македонија“, „Грчка Македонија“, „Грчка историска
Македонија“, „Регион на грчка Македонија“.За мирот и за стабилноста во
регионот сега и во иднина, а особено за македонското прашање, е важно
да биде признаен македонскиот идентитет како засебен и во формата во
која е изразен од граѓаните на Република Македонија и од припадниците
на македонското малцинство во другите балкански држави (Грција,
Бугарија, Албанија, Косово). Ова е многу важно прашање ако се земе
предвид дека негирањето на македонскиот етнички идентитет и борбата за
самоопределување на македонскиот народ ги поттикнуваше посилните
балкански држави (Бугарија, Грција и Србија) на крвави судири во текот
на балканските војни во 1912-1913 година. Со други зборови, од наша
гледна точка, најважно е во овој т.н. „проблем со името“ да се
елиминираат сите иредентистички аспирации од овие држави со заштита на
етничкиот и националниот идентитет на македонскиот народ во Република
Македонија и на сите други места каде што живеат Македонците.
Ако етничкиот и културниот идентитет треба да бидат дел од конечната
спогодба, како припадници на македонското етничко малцинство во
Грција, ние ќе инсистираме да бидеме консултирани во врска со
проблемот.
Павлос Филипов Воскопулос, Член на Политичкиот секретаријат на ЕФА
„Виножито“, политичка партија на македонското малцинство во Грција