ПРОЕКТ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=1431BFD00D014D438DDC031F9EAF597D
Балканските средношколци ќе учат заедничка историја за регионот
Целта на објавувањето на четирите читанки е да се избегне наметнатото
и еднострано толкување на историјата
[Фактите влегоа во учебниците по историја: Фуере на вчерашната
промоција]
Средношколците од земјите во Југоисточна Европа ќе учат заедничка
историја за нациите и државите од регионот, Отоманската империја,
балканските војни и за Втората светска војна. Овие подрачја се
обработени во четирите историски читанки објавени на македонски и на
албански јазик, кои вчера ги промовираа фондацијата „Институт отворено
општество Македонија“ и Центарот за демократија и помирување во
Југоисточна Европа.
Историските читанки се замислени како прирачници за наставниците и за
учениците од средните училишта. Настаните и темите во нив се
обработени преку документи, фотографии, приказни, мемоари, писма,
написи од весници. Идејата, според издавачите, е учениците самите да
извлечат заклучоци, со што ќе се избегне наметнатото и еднострано
толкување на историјата.
Четирите книги се дел од осумгодишниот проект за заедничка историја во
кој се вклучени 12 земји од Југоисточна Европа. Освен на македонски и
на албански јазик, читанките се отпечатени и на англиски, грчки,
српски, хрватски и на босански, а наскоро се очекува да излезат и
изданијата на јапонски и на турски јазик.
Македонија најмногу се споменува во книгата за балканските војни, каде
што преку текстови и карти се нагласени претензиите на соседните земји
кон нејзината територија. На пример, во табела е дадена споредбена
статистика за бројот и составот на населението во Македонија во
почетокот на 20 век.
- Обидете се да објасните зошто, според бугарската статистика,
Бугарите го сочинуваат мнозинството население, Грците се мнозинство
според грчката статистика, а Србите го сочинуваат најмногубројното
население според српската статистика - е задачата што под табелата им
е зададена на учениците.
Во книгата каде што се објаснува создавањето на националните држави,
значајно место е дадено на формирањето на Внатрешната македонска
револуционерна организација (ВМРО) во 1893 година, на настаните околу
и по Илинденското востание, како и на периодот што следувал.
- По Првата светска војна, следбениците на поранешната ВМРО ги
продолжиле своите политички и револуционерни активности во врска со
македонското национално прашање. Поделени во две идеолошки струи,
дејствувале со различни средства и врз различни политички платформи.
Таканаречената десничарска струја, која била позната како ВМРО-
Автономна, на чело со Тодор Александров и Ванчо Михајлов, всушност
вршела терористички и герилски напади, особено против Србија
(Југославија) и неформално контролирала делови од пиринскиот дел на
Македонија. Таканаречената левичарска струја, ВМРО-Обединета, е
формирана во 1925 година во Виена од следбениците на илинденската
организација и од некои емигранти комунисти. Таа формално исчезнала од
политичката сцена пред почетокот на Втората светска војна - пишува во
еден од заклучоците.
Уредничката на изданијата, Кристина Кулури, рече дека образованието во
земјите од Југоисточна Европа се концентрира на националните истории,
поради што се појавува празнина во познавањата за историјата на
соседните земји.
- Не се обидуваме да ја замениме националната историја, туку
предлагаме ново толкување на националното минато, кое се базира на
заедничко културно и институционално балканско наследство. Првата тема
на нашиот проект беше знаење кое треба да даде информации за вековите
минати живеејќи заедно во мир и во војна, како пријатели, но и како
непријатели. Мора да се соочиме со овие работи и да ги балансираме
сметките од минатото за подобро да разбереме кои сме и кои се нашите
соседи - истакна Кулури.
Оригиналните историски читанки, кои беа објавени во 2005 година, ги
изработија шеесетина историчари и наставници по историја.
Даница Тунтевска