МПО по пресудата за Мирослав Ризински
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&ArticleID=84587&EditionID=1315
Мајкл Серафинов
Разочаран сум што слушнав дека раководството на Македонската
патриотска организација ги поддржува обидите на некој од
организацијата да отвори канцеларија на МПО во Скопје. Тоа е мешање во
внатрешните работи на суверена странска држава. Од друга страна, се
надевам дека тие што го повредија ова лице ќе бидат најдени и обвинети
за незаконско насилство против него и дека македонскиот законски
систем ќе дејствува непристрасно и ќе ги брани законите на оваа
држава, како и меѓународните стандарди за човековите права. Не
разбирам како МПО може да поддржи отворање на канцеларија во Скопје.
Сметам дека членството во МПО се однесува, главно, на Американци со
македонско потекло, кои имаат најдобри намери за старата татковина.
Сметам дека МПО е организација на луѓе што се втора или трета
генерација доселеници во САД. Нивните родители и дедовци пристигнале
во Америка во време кога нивната татковина била во пламен, тоа биле
истрауматизирани бегалци, кои претрпеле некои од најтешките ужаси на
војните од првите декади на 20 век. Бидејќи тогаш немало македонска
држава и немало јасно изразен идентитет, тие се самоорганизирале колку
што можеле и знаеле за да ги бранат интересите на нивната измачена и
окупирана татковина. Во тоа време, можеби, и не било тешко да се
направи сојуз со Бугарите во Америка. Тој сојуз не претставува проблем
за МПО до крајот на Втората светска војна и до создавањето на
автономната македонска република во рамките на Југославија, проследено
со раскинувањето на односите со Источниот блок, вклучително и со
Бугарија.
Сметам дека контролата на МПО останала во рацете на мала група постари
членови, кои ги задржале своите традиционални врски со Бугарија и со
Бугарите. Кон тоа придонесува и членството во Бугарските православни
цркви, како и поддршката на бугарската влада, која со задоволство ги
снабдуваше со секакви книги и списанија. Тие беа преведувани на
англиски и ја поддржуваа бугарската политика дека македонската
татковина е загубена бугарска земја, која, историски гледано, има
бугарски етнички и културен карактер. Од друга страна, сметам дека
огромно мнозинство од членовите на МПО се луѓе штоимаат цврсто
изграден американски идентитет.
Синовите и ќерките и внуците на доселениците речиси исклучително
зборуваат само англиски. Одат во американски училишта и универзитети,
каде што стануваат асимилирани Американци, кои се мажат и женат со
луѓе од речиси сите етнички групи во Америка. Тие служат во
американската војска. Придонесуваат кон просперитетот на Америка, а за
возврат, просперираат и нивните семејства. За жал, имаат малку
заедничко со македонските доселеници, кои доаѓаат во САД во изминатите
децении. Тие често не се разбираат меѓусебе поради јазичната бариера,
а најновата генерација доселеници се организираат во одделни заедници
во кои, главно, не се зборува англиски, поврзани со Македонската
православна црква. Ова доведе до изолација на двете групи и до силна
заемна недоверба и недоразбирање. Членовите на МПО и нивните
семејства, главно, не зачувале многу од своето македонско наследство.
Некои, можеби, и можат да се поздрават на македонски и се уште со
љубов ги готват специјалитетите на својата баба, но нивното познавање
на македонската историја и култура, најчесто, е минимално. Тие знаат
повеќе за американската Граѓанска војна, отколку што знаат за
Илинденското востание. Често тоа што го знаат го знаат затоа што
бугарската држава била и повеќе од расположена да им даде материјали.
Во нивна одбрана може да се каже дека членовите на МПО се типични
Американци, независни луѓе со разновидни верски и политички ставови.
Денес имаме ситуација човек, кој е црнец по татко и има африканско-
арапско име Барак Хусеин Обама и жена како Хилари Клинтон да бидат
главни кандидати за претседател на САД. Мора да се има почит за луѓе
што се способни да гледаат подалеку од етикетите. Сметам дека МПО е,
главно, составено од луѓе што ја делат американската отвореност и
слободоумност и кои имаат малку или воопшто немаат врски со Балканот.
Повеќето од нив никогаш не биле на Балканот, а, веројатно, нема ни да
одат. Како среќни и широкогради Американци, тие сакаат да донираат за
хуманитарни цели на Балканот, давајќи и медицинска опрема, школски
материјали и слично на својата стара татковина.
Мој став е дека многу од членовите на МПО гледаат на стар балкански
идеолог, како што е нивниот водач Џорџ Лебамоф, како на чуден остаток
од минатото, кој, сепак, мора да биде почитуван како постар. Тие
недоволно сфаќаат колку проблеми може да предизвика неговото толкување
на македонската историја на сложениот и експлозивен Балкан. Тие се
премногу далеку и премалку информирани за да го сфатат клучниот факт
на денешна Македонија. Малку народи во светот страдале како што
страдаат Македонците. Тие беа, буквално, растргнати од силите што ја
сакаа нивната земја. Како резултат, со текот на времето кај нив се
создаде консензус: „Ние не сме Грци, Бугари, Срби или Словени, ние сме
Македонци“. Имајќи го предвид овој факт ризично е американска
организација, која има минати врски со бугарската етничка свест, а не
со македонската етничка и културна свест, да сака да отвори
канцеларија во Република Македонија. Што би рекле членовите на МПО ако
Американска патриотска организација со седиште во Мексико, која се
залага за враќање на американските југозападни држави во рамките на
Мексико, посака да отвори канцеларија во САД? Сметам дека на тоа нема
да се гледа многу поволно. Тоа може да поттикне и некои од локалните
граѓани да пристапат кон насилство.
Апелирам до слободоумната чесност, која сметам дека е дел од
американскиот дух на повеќето членови на МПО. Преиспитајте ја
поддршката што вашата организација ја дава за отворање на
канцеларијата на МПО во Македонија. Имајќи ја предвид пробугарската
ориентираност на вашето актуелно раководство, тоа може лесно да се
сфати како мешање во внатрешните работи на суверена странска држава.
Исто така, ве повикувам да се образувате подобро за карактерот и
историјата на Македонија. Има многу историски публикации од кои може
да учите. Некои од нив може да се набават во англиско издание од
Република Македонија. Има извонредни нови трудови на македонски
имигранти објавени од австралиската компанија „Политекон“, и
промовирани од „Македонско-канадското историско друштво“ во Северна
Америка, меѓу кои е и „Оваа земја не ја даваме“, историјат на
македонскиот отпор на странските окупации, напишана од Крис Стефоу и
мене. Ве повикувам да ги прочитате овие дела за вашата организација да
може да направи свесна одлука во врска со натамошните активности на
МПО на Балканот.
Авторот е доктор на славистички науки од Сиетл, Вашингтон, САД