Извини, но не е фер така. Јас сум учел три години на ФЕИТ, а веројатно
по неизменета програма и простории и четврта година и на крај да ми
пишува дека сум завршил на ФИНКИ (или како и да е името). Значи во
"новиот факултет" не би поминал ниту 20 посто од студиите, а би добил
статус на дипломиран на ФИНКИ. Тоа е една работа.
Друга работа, со сета почит но мислам дека не е баш солидарно ова што
пишуваш дека треба да се здружиме за да можат сега тие што се
апсолвенти да одат на постдипломски на ФИНКИ. Не сум упатен многу, но
мислам дека тоа со постдипломски треба да се реши на друг начин, може
да има постипломски и на ФИНКИ, не знам зошто би се чекало четири
години. Како што можат со еден потпис да префрлат студенти без нивна
волја од еден во друг факултет така може и со еден потпис да воведат
нови студии и плус постипломски во новиот факултет.
Трета работа, не смее да ни се ускратува правото на нас студентите да
завршиме таму каде што се почнале. Јас сум се запишал на ФЕИТ (или
уште подраго електро) со желба да го изучувам и тоа што е суштинско во
титулата "електро инженер" покрај информатиката, со самото стапнување
и запишување на факултетот јас се здобивам со правото да завршам таму.
Не смее никој тоа право да ми го ускратува, во ниедна современа,
развиена земја такво нешто не би се случило.
Четврта работа. Да потенцирам дека немам ништо против ПМФ, напротив,
имаме исти интереси, а и изучуваме исти работи. Но, факт е дека
програмата не е иста. Напротив, би било интересно да се направи една
паралела од тоа што се изучува на ПМФ и на ФЕИТ. Дури и во случај да
си ги задржиме титулите после дипломирањето, сепак постои голема
разлика во поглед на тоа каква била наставата на ФЕИТ и на ПМФ и не
може на крај да се направи merge. Па дури и во бази на податоци, не
можеш да правиш JOIN на две табели ако ги немаат истите атрибути. Уште
еднаш напоменувам, не мислам со ова ништо лошо против ПМФ, не велам
ниту дека имаат подобра, ниту дека имаат полоша програма, туку дека
тие наставни програми сепак се различни. Сме имале две различни
филозофии во текот на четири години студирање и на крај да излезе дека
сме завршиле на ист факултет.
Петта работа. Разбирам и сфаќам дека е потребен факултет за
информатика. И ФЕИТ (ИКИ) и ПМФ (ИИ) имаат иста цел, иста е суштината
која ја имаат вкоренето. Но отварање на нов факултет е озбилна работа.
Треба да се разгледаат сите опции, да се направат сите сценарија од А
до Ш, да се анализираат програмите на двата факултети за да се одлучи
што е најдобро. Во ова не се сомневам, знаејќи ги квалитетите на
професорите кои ми предавале во текот на студиите до сега. Потполно се
согласувам со почитуваниот професор Трајковиќ во поглед на мотивите за
создавање на нов факултет. Тоа е неспорно дека 99% ќе се реализира. Но
проблемите се други. Мора да биде решен статусот на "транзиционите"
студенти. Факултетот слободно можат да го отворат во септември (иако
мислам дека е рано, потребни се подолги подготовки). Тој факултет нека
прима нови студенти, исто така може да се воведат постипломски таму.
На ФЕИТ да си продолжиме ние да студираме како и досега. Така нека
биде во следните три години. Исто и на ПМФ. Во меѓувреме, ФЕИТ (ИКИ) и
ПМФ (ИИ) да не примаат нови студенти. Треба да се реализира
професорите да работат паралелно и на двата факултети. Иако работат на
два факултети, сепак работата ќе биде иста. Технички ова може некако
да се направи. Треба да се направи план како ова би функционирало. Во
секој случај, во овој случај ќе има нов факултет, "транзиционите
студенти" ќе бидат среќни, исто така и наставниот кадар и се ќе си
заврши со happy end.
Шеста работа. Простории. Навистина не ми е јасно каде ќе биде сместен
новиот факултет. Некои ми спомнаа ќе си продолжиме во старите
простории како и досега, некои спомнаа на ИИ. Не сакам да шпекулирам,
но, кога веќе се прави нов факултет, треба да се изградат соодветни
простории, треба да се направи нешто и во поглед на она што е
допирливо, а не само потписи на хартија.
Ова е горе доле она што спонтано ми дојде како мисли во моментот.
Навистина сум револтиран, како и многу други студенти (сите со кои сум
имал можност да разговарам) во поглед на тоа што немаме можност да си
одлучуваме самите за своите судбини. Ок е тоа што имало средба и
состанок, но требаше порано да се знае дека ќе има таква средба за
добро да се организираме и да настапиме заедно, со идеи, предлози и
заклучоци кои заеднички ќе ги направиме. Немам ништо против тие што
биле на состанокот, претпоставувам и тие доцна разбрале, но за вакви
озбилни прашања треба и озбилно да се пристапи. Референдуми, петиции и
дебати се едни од начините на кои во демократските земји се искажува
волјата на народот. Апел до сите, активно да се вклучат и да одлучиме
сите заедно (пред се студентите како оние што го носат најголемиот
товар). Не јас или ти или тој туку ние.
Уште една работа, од моментот кога сум стапнал во ФЕИТ, животот добива
нова филозофија. Се сретнав со една нова поразлична култура, се
стекнав со многу пријатели со кои имаме едно заедничко - електро.
Последните три години било исполнето со среќни моменти (моментот кога
ќе се прочиташ дека си положен), тажни моменти, моменти на
разочарување, моменти на гордост. Последниве три години сум запознал
одлични пријатели со кои ја продолживме "електро културата". Тоа е
свет во кој секојдневно живееме, лабараториските рано, предавањата,
паузите... Дружбата, оговарањата, вонфакултетските активности. Сето би
го означил со еден збор - електро. Ова нема никој да ми го одземе, а
верувам дека и на сите мои колеги (аналогно важи и за колегите од ИИ).
Од срцето никој нема да го избрише ова, а се надевам нема да го
избрише и од дипломата.